PRIMA DANZA
Modern and DanceSport Society
#DanceWithUs
#DanceYourWay
#WeDanceTogether
DanceSport Society
PRIMA DANZA
#DanceWithUs
#DanceYourWay
#WeDanceTogether
ЧЕСТИ ПРАШАЊА

ПОСТАВЕТЕ ГО ВИСТИНСКОТО ПРАШАЊЕ ПРЕД ДА ДОЈДЕТЕ НА ТАНЦ

#WeAreDanceRecreation

ЗА ТАНЦОТ ВООПШТО

Tuesday, May 19, 2020
ТАНЦОТ, како и музиката, е универзален јазик на целиот свет. Многу работи често не можеме на вистинскиот начин да ги искажеме со зборови и имаме потреба тоа да го направиме поинаку. Ако тоа го правиме со движење на телото во ритмичка поврзаност со музиката, тогаш ние всушност танцуваме и се изразуваме со ТАНЦ. Спецификата на телесните акции, неговите одредени позиции, мимика, гестови, изразите на лицето и очите, ги манифестираат чувствата и ја искажуваат емотивната состојба и карактерот на танцот.

ЕМОЦИИТЕ се носечкиот столб на танцувањето. Кога движењето и чувствата ќе се спојат во едно, танцуваме со срце и од душа. Тогаш танцот станува природен, едноставен, елегантен, свечен и на нему својствен и таинствен начин ги изразува и пренесува нашите емоции. Со самото тоа едноставно станува дел од нас.

Танцот не е само најмасовниот вид на РЕКРЕАЦИЈА, забава и дружење во светот. Тој е воедно и СПОРТ во комбинација со УМЕТНОСТ. На специфичен начин воспоставува високо ниво на психофизичка хармонија на организмот. Заедно со музиката делува како одлично средство против стресот, стравот, тремата, срамот и несигурноста, предизвикувајќи чувство на веселост, среќа и оптимизам.

ТАНЦ ЗАБЛУДИ И ДИЛЕМИ

Friday, May 22, 2020
Танцот на нашите простори често е третиран како табу тема. Веројатно тоа не е случајно, меѓутоа најчестиот повод да веруваме дека работите се такви е само поради тоа што сакаме да пронајдеме изговор кој ќе ги покрие наши предрасуди, срам, страв од реакција на околината и слично. Еве неколку едноставни примери:

⏵За танц е потребен талент и предзнаење ...
Не е потребно никакво предзнаење. Процесот на танц настава во Прима Данца секој студент почетник го третира како некој кој до сега немал никакви допирни точки и искуство со танцот. А потоа, чекор по чекор и се е можно. Доколку сметате дека имате „две леви нозе“ или дека немате смисла за ритам, само сетете се на следното: Секој, без исклучок, започнал од почеток ... !

⏵Премногу сум стар/а за да одам на танц ...
Не постои старосна граница за учење и практицирање  танц. Некои танци и цели танц дисциплини се специфични по тоа што ги практицираат повозрасните. Во многу земји со танц се занимава огромен процент од пензионерската популација која го третира танцот пред се како одличен облик на забава, рекреација и дружење. На пример во класификацијата по возраст во Танцовиот Спорт постојат Сениорски категории на Танцови Спортски Двојки кои се повозрасни од 75 години (Сениори 5). Затоа не се оптеретувајте. Не сте стари за танц. Танцот е снажен алат за освежување и одржување на Вашите телесни и ментални способности. Некои научни истражувања на пример покажале дека танцот го намаува ризикот од деменција за неверојатни 76%. Тие придобивки се посебно важни за повозрасните групи танц студенти.

⏵Имам преголема телесна тежина за танц ...
Не се оптеретувајте. Сите кои се послаби не значи дека ќе знаат повеќе да танцуваат од вас или ќе учат побрзо. А да не зборуваме дека воопшто не значи дека ќе се рекреираат, забавуваат или дека ќе уживаат повеќе. Можеби баш Вашиот мотив ќе биде да ја намалите телесната тежина која со танцувањето како забавен тренинг и вежбање ќе го постигнете тоа на неверојатно лесен и забавен начин.

⏵Јас сакам ама навистина немам со кого ...
Навистина би било убаво ако на танц дојдете со пријател/ка, момче/девојка, иако тоа во принцип не е проблем. Гледано искуствено наназад низ годините, Прима Данца од секогаш имала одличен полов баланс во сите танц групи без оглед на тоа за која танц програма се работи. Зарем не е една од целите и да запознаете нови лица.

⏵Кога ќе слушнат дека одам на танц сите ќе ми се смеат ...
Ако им раскажете колку добро се забавувате и рекреирате и колку добро друштво сте запознале на танц часовите, танц забавите, каков е амбиентот и атмосферата во Прима Данца, нема да ви се смеат. И тие ќе посакаат да дојдат.

⏵Танцот ги прави машките помалку машки ...
Во сериозните танц школи како што е Прима Данца, танц инструкторите секогаш ќе ја водат машката популација да го истакне својот мажествен карактер, став и држење, потенцирајќи ја постојано неговата неверојатно одговорна улога на лидер во системот наречен Танцова Двојка, додека женската популација ќе биде водена да ја истакне својата женственост и способност да ги следи лидерските повици за танц акција.

⏵Ќерка ми ќе ја запишам на танц, а синот на фудбал или карате ...
Зошто? Па танцот не е помалку „машки спорт“ од било кој друг. Врвните натпреварувачки Танцови Двојки се под неверојатно тежок психофизички напор за време на тренинг сесиите и натпреварите. Резултатите и мерењата на психофизичките оптеретувања на активните танц спортисти покажуваат параметри кои се повисоки од многу „машки спортови“ дури и тие за кои се смета дека се најважни на светот. Ако го одвоите Вашето дете, било машко или женско овозможувајќи му да се занимава со благороден и аристократски спорт, навистина сте постигнале голем успех како родител.

⏵Моето дете не сакам да стане танц професионалец ...
Ако Вашето дете дојде на танц, дефинитивно ќе сака да излезе од просториите на Прима Данца за да се покаже и натпреварува на танц натпреварите, да настапи на ТВ екраните и слично. Во спротивно, тоа дете е без мотив. Сето тоа е само средство преку кое заеднички ќе постигнеме многу ефекти кои се важни во психофизичкиот, социјалниот и интелектуалниот развиток на секое дете. И на крајот тоа не значи дека ќе го направи танц професионалец. Се надеваме дека танцот ќе им биде поттик да работат и учат подобро, да бидат горди и да се поклонат.

⏵Не ми треба танц и онака нема каде да танцувам ...
Дали е баш така? Пред се во Прима Данца секој петок има танц вечер со забава и дружење како и на било кое друго место каде би излегле во град и каде има танц подиум. Во комбинација со услугите на кафе барот, Прима Данца е едно од најпопуларните места за петочна забавна танц вечер веќе со години нананзад.

Ова се само неколку од многуте вистински одговори на Вашите табу прашања. Не обрнувајте внимание и не се двоумете. Танцот е цивилизациска придобивка, а танцувањето е природна и благородна активност.

Дојдете во ПРИМА ДАНЦА и уверете се ... !

ДАЛИ И ЗОШТО МИ ТРЕБА ТАНЦ

Wednesday, May 20, 2020
Танцот е составен дел од општата култура на секоја личност и неодвоив дел од нашиот секојдневен друштвен и социјален живот. На луѓето им доаѓа природно затоа што тоа во секој поглед е нормална и природна појава. Емоционалното изразување преку движења на телото со страст и талент, ја зајакнува способноста за трајно користење на овие експресивни квалитети дури и кога не танцувате. Еве неколку важни бенефити:

⏵Танцувањето е совршена комбинација на физичка активност, социјална интеракција и ментална стимулација.
⏵Тоа е форма на вежби и тренинг кој има многу придобивки важни за Вашето физичко и ментално здравје.
⏵Танцот е аеробна активност која согорува маснотии и може да го зајакне Вашиот метаболизам.
⏵30 минути танцување може да согори 200-400 калории што е приближно иста количина како трчањето или возењето велосипед.
⏵Танцот може да го намали крвниот притисок, холестеролот и да го подобри кардиоваскуларното здравје.
⏵Ги зајакнува коските, ги намалува ризиците од зголемување на телесната тежина и го зголемува капацитетот на белите дробови.
⏵Позициите и брзите танц движења помагаат во зголемувањето на рамнотежата и стабилноста, особено кај повозрасните луѓе.
⏵Ги зголемува интелектуалните и менталните способности, менталната острина и има значителни придобивки за возрасните кои одат на танц.
⏵Ја зајакнува меморијата, будноста, свеста, фокусот и концентрацијата.
⏵Спречува појава на деменција и значително ја подобрува просторната меморија.
⏵Помага да се создадат покомплексни состојби во организмот кои можат да ги успорат процесите на стареење.
⏵Го намалува нивото на вознемиреност и стрес со присуство на чувство на среќа посебно кај оние кои танцуваат со партнер/ка.
⏵Танцот е социјална активност и танцувањето со партнер/ка ја намалува осаменоста кај сите возрасни групи.
⏵Го подобрува Вашиот социјален живот и самодоверба и претставува прекрасен начин на самоизразување и креативност.
⏵Создава нови познанства каде секој може да стане омилен и популарен во друштвото и околината.
⏵Танцувањето овозможува психофизичката рамнотежа која ќе доведе до состојба на духовен мир и ќе Ви помогне во борбата против стресот како еден од најголемите опасности по здравјето на луѓето во современиот живот.
⏵Танцувањето навистина ги исполнува празнините во Вашиот живот и го прави поубав, посреќен и повесел.

Секогаш имајте во предвид дека сето тоа ќе го достигнете на начин кој во основа е забава и кој причинува задоволство, опуштеност, релаксираност, среќа и оптимизам.

ДАЛИ МИ Е ПОТРЕБНО ТАНЦ ШКОЛО

Thursday, May 21, 2020
Несомнено е дека едно од најтешките и најважни прашања е токму прашањето дали Ви е потребно танц школо.
Еве неколку реални животни состојби кои веднаш ќе Ви го дадат одговорот:

⏵Сакам да запознаам нови лица и да создадам нов круг на познати и пријатели.
⏵Сакам да запознаам девојка/момче а да не доживеам да ме одбие или избламира.
⏵Сакам да се опуштам, релаксирам, да уживам, да се забавувам и рекреирам после напорната работа, училиште или факултет.
⏵Сакам да се занимавам со нешто во слободното време и максимално да ги искажам своите квалитети и способности.
⏵Сакам да бидам омилен/а во друштвото и ѕвезда на танц подиумот.
⏵Сакам да правам нешто што ќе ми го подобри физичкото и менталното здравје и кондиција.
⏵Сакам да имам хоби што ќе ми овозможи да патувам и да запознавам нови луѓе и места.
⏵Сакам да танцувам на забавите во градот или на свадба.
⏵Сакам со мојата девојка да ја отвориме свадбената свеченост со прекрасен свадбен танц.
⏵Сакам да знам да ја танцувам танго кореографијата од овој филм.
⏵Сакам да се натпреварувам на танц натпреварите.

Секоја од овие дилеми и цели можат да имаат многу решенија.
Ама само едно решение важи за сите овие желби: ТАНЦ ШКОЛО.

КАКО ДА ПРЕПОЗНААМ ДОБРО ТАНЦ ШКОЛО

Thursday, May 21, 2020
Препораките се најважен и најдобар момент за избор. Распрашајте се во кругот на Вашите роднини, пријатели, познати, дали знаат за некое добро танц школо. Социјални мрежи, веб страна, флаер, можат да Ви привлечат внимание и да Ви пружат основни информации. Меѓутоа за добар избор, секогаш погледнете дали соодветното танц школо ги има следните елементи:

⏵Добар, комплексен и високо организиран систем на танц настава.
⏵Танцови, рекреативни и други програми.
⏵Едукациски групи поделени по возраст и ниво на познавање на танцовите вештини.
⏵Сертификати за верификација на програмите.
⏵Поддршка на танц наставата со завршни свечености, танц вечери, танц натпревари и други практични форми.
⏵Членство на танц школото во националните и интернационалните танц организации од повисок ранг.
⏵Сертифицирани, стручно, методички и педагошки подготвени танц наставници и инструктори.
⏵Квалитетните танц школи имаат сопствени деловни простори кои располагаат со сите неопходни простории, опрема и реквизити.
⏵Посетете го танц школото и видете дали има барем две стилски уредени и технички опремени танц сали, соблекувални, туш кабини, приемно одделение, канцеларии, кафе бар.

ПРИМА ДАНЦА ги содржи не само овие атрибути, туку и многу повеќе. Повелете, нашите танц подиуми ве очекуваат.

ЗОШТО ПРИМА ДАНЦА

Thursday, May 21, 2020
Затоа што во Прима Данца Ве очекува атмосфера на љубезност, топлина и инспирација ...
Тоа е она што нашите клиенти ни кажуваат дека забележуваат од првиот пат кога влегуваат во нашите простории. Пријателска енергија, пријатно добредојде, топла и весела насмевка. Нашата страст помага Вашите животи да се збогатат физички, ментално, емоционално и социјално. И сето тоа преку позитивната и трансформирачка моќ на танцот.

Затоа што во Прима Данца секој танц час е забава ...
Филозофијата на танц наставата во Прима Данца е директна и едноставна: учењето танц секогаш мора да е забавно!
Ние работиме со студенти од секоја возраст и ниво на танц вештини. Нашата пријателска и инспиративна атмосфера ќе Ви помогне Вашето танц патешествие да стане реалност. Постојат многу причини зошто луѓето започнуваат со часови по танц, меѓутоа кога ќе видат колку е тоа и лесно и забавно, несомнено е дека после првата танц сесија ќе сакаат да дојдат повторно.

Затоа што Прима Данца има има високо стандардизирани танц програми и репертоар ...
Брендираните групи програми:
ТАНЦОВА ОСНОВА“,
ТАНЦОВА ОСНОВА ДЕЦА“ и
ТАНЦОВА ОСНОВА САЛСА“,
ја прави Прима Данца уникатна на пазарот на танцот. Голем е бројот на танци и танц дисциплини кои се системски распределени во овие програмски групи. Ако ги додадеме свадбените танц програми, рекреативните програми, модерната група танц дисциплини, популарните танци и многу други, ќе видите дека репертоарот на танц програми во Прима Данца, во спрега со концептуалниот модел на настава и искусните танц инструктори, претставува високо организиран едукативен танц систем кој гарантира успех без оглед на тоа дали сте почетник или врвен танц натпреварувач.

Затоа што Прима Данца има талентирани и професионални танц инструктори ...
Инструкторите на Прима Данца се надарени танц учители кои навистина го сакаат тоа што го работат. Почнувајќи од нивните сертификати и дипломи, медалите, пехарите и наградите добиени за време на нивната натпреварувачка кариера и професионални танц ангажмани и настапи, нашите танц инструктори поминуваат низ ригорозна селекција, стручна, методичка и педагошка подготовка, потребни за да бидат вклучени во наставните танц планови на Прима Данца. Нашите танц програми, сплотени со знаењето, позитивната енергија и љубезноста на нашите танц инструктори, ќе Ви помогнат да го извлечат Вашиот максимум на танц часовите.

Затоа што Прима Данца има многу возбудливи настани и проекти ...
Прима Данца со своите програми и танц настани прави Вашето танц искуство да биде возбудливо и наградувано. Огромниот репертоар на танц акивности, забави и прослави, изложби и презентации, театарски претстави, промоции, семинари, конференции и слично, ја поттикнуваат социјалната интеракција и Ви помагаат да го примените она што го учите. Нашите брендирани регионални, национални и меѓународни танц натпревари како што се „MACEDONIA OPEN“, Интернационален натпревар во Спортски Танци, Националните Шампионати на Македонија во Спортски Танци и други, Ви даваат инспиративни можности да се натпреварувате и да ги мерите Вашите танц вештини со другите на кои танцот им е страст исто како и Вам.
Прима Данца беше стручен носител на проектот на мега популарното шоу „ТАНЦ СО ЅВЕЗДИТЕ“ во двете сезони каде ги стави на располагање сите свои просторни капацитети, сите танчери, главниот тренер и главниот судија во жирито.
Низа години Прима Данца е дел и од организацијата на проектот „ВИЕНСКИ БАЛ“, каде со свое танц и логистичко учество претставува дел од гламурот на Виенската бајка во Македонија.

Затоа што Прима Данца е дел од националните и интернационалните танц организации ...
Прима Данца е регистрирано Здружение на граѓани со Решение за вршење дејност Спорт, издадено од Агенцијата за Млади и Спорт на РСМ.
Редовна членка е на Танцовата Спортска Федерација на Македонија (ТСФМ), која пак е во семејството на национални спортски федерации здружени во Светската Танцова Спортска Федерација, World DanceSport Federation (WDSF).
Преку членството во ТСФМ, претставува дел од Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), Факултетот за Физичко Образование, Спорт и Здравје (ФФОСЗ), Сојузот на Спортски Федерации на Македонија (ССФМ), Федерацијата на училишни спортови на Македонија (ФУСМАК), а преку WDSF е дел и од системот на Меѓународниот Олимписки Комитет, International Olimpic Committee (IOC).

Затоа што Прима Данца има континуирано најдобра понуда на цени и поволности ...
Следете ги и користете ги нашите екстра цени, специјални понуди и промоции за нови но и веќе етаблирани клиенти и направете го првиот чекор кон реализација на вашите танц соништа. Едноставно влезете на нашиот web портал, пополнете и испратете ни ја регистрациската форма и ние ќе Ве контактираме со возбудливи детали за опциите од лепезата на нашите танц програми, промоции и специјални попусти. Напишете ни ги Вашите цели и желби, а потоа дозволете ни да Ви помогнеме да ги запознаете тајните на бајката наречена танц.

ШТО ИМА ВО ПРИМА ДАНЦА

Friday, May 22, 2020
Во одговорот на прашањето „Како да препознаам добро танц школо“, веќе Ви дадовме неколку насоки за потребните стандарди, атрибути и карактеристики за добро организирано танц школо како сериозна танц институција. Во контекст на тие препораки еве неколку атрибути на Прима Данца:

⏵Веднаш во приемното одделение ќе видите истакната лиценца за работа, како и дипломи и лиценци на сите кои работат во клубот.
⏵Личноста која работи на приемниот пулт со висок степен на професионалност и љубезност ќе Ви посака добредојде и ќе Ви ги пружи сите потребни информации и детали кои Ве интересираат за танц услугите во Прима Данца.
⏵А кога ќе влезете внатре, ќе видите две прекрасно опремени танц сали со една цела страна ѕидни огледала, сопствени соблекувални, стилско осветлување, light show, проектори.
⏵Кафе барот за освежување ќе Ви пружи интимна атмосфера, катче каде во слободната интернет зона со кафе и свежи пијалаци ќе можете на нашиот Web Portal на инфо мониторот или на својот телефон или компјутер да ја следите тековната програма и најнови случки во Прима Данца и светот на танцот воопшто. Или можеби да поминете моменти на незаборавно дружење во атмосферата на прекрасните танц вечери секој петок од 22:00 – 01:00 часот по полноќ.
⏵Накратко се што може и треба да содржи едно модерно опремено танц школо со високи стандарди кое ќе Ве остави без здив на прв поглед. Дојдете во нашиот деловен простор и веднаш ќе разберете дека сте влегле во вистинска танц установа.

Сте влегле во најдоброто танц школо, ПРИМА ДАНЦА.

ШТО МОЖАМ ДА НАУЧАМ ВО ПРИМА ДАНЦА

Sunday, May 24, 2020
Лепезата на Прима Данца танц услугите е навистина голема. Нема да згрешиме ако кажеме дека ако нешто посакате од светот на танцот веројатно ќе го пронајдете во програмите, репертоарот и долгиот список на танц услуги на Прима Данца.

⏵Танц програми за деца од предшколска возраст, MINI KIDS ...
Ако сакате Вашето дете да го запознае магичниот свет на танцот, Прима Данца е вистинското место. Најпознатите детски нумери, музика од филмовите на Walt Disney, цртаните филмови и детските серии, претворени во волшебниот свет на Mini Kids кореографиите, прилагодени на нивната возраст, ќе направат Вашите деца да влезат во светот на многу приказни користејќи го танцот како средство. Танц натпреварите, ТВ настапите, ревиите, завршните свечености и многу други проекти едноставно ќе го разубават нивното растење.

⏵Танц програми за деца од школска возраст, KIDS and JUNIORS ...
Заедно со Mini Kids програмите ја сочинуваат популарната „ТАНЦОВА ОСНОВА ДЕЦА“ група програми. Одличен начин да го пополните слободното време на Вашето дете. Танцот со сите негови пропратни елементи изразени преку техничките основи на елементите, карактеристичната музика преточена во умешна кореографија, соодветната костимографија, сценска и светлосна изведба, може да стане втората најважна работа во светот на Вашето дете. Без оглед на тоа дали се работи за групата на Стандардни и Латино танци, групата на Модерни танци, Street Dance групата танц дисциплини, школо за манекени, фолклор и многу други, времето на оваа возраст на Вашето дете е најсоодветно за почеток, системски пристап и најголеми ефекти. Многу деца се денес на врвните домашни, Европски и Светски танц подиуми во рамките на системот за натпреварување на Националната и Светската Танц Федерација. Зошто во таа приказна да не биде и Вашето дете.

⏵Танц програми за млади и возрасни, YOUTH and ADULTS ...
Овие програми се препорачани како прва етапа во танц едукацијата за млади и возрасни. Тие се и назначајниот танц бренд на Прима Данца: „ТАНЦОВА ОСНОВА“ и „ТАНЦОВА ОСНОВА САЛСА“. Застапени се четири главни танц дисциплини и групи:
СТАНДАРДНИ (Англиски Валцер, Танго, Виенски Валцер, Слоуфокс, Квикстеп),
ЛАТИНОАМЕРИКАНСКИ (Самба, ЧаЧаЧа, Румба, Пасо Добле, Џајв),
КАРИБСКИ (Салса, Руеда, Бачата, Меренге, Кизомба, Зук),
ДРУШТВЕНИ
танци (Диско Хасл, Рок ен Рол, Свинг, Блуз, Фокстрот).
Овие танци се тануваат во двојка. Од тука е и популарната изрека дека „За танц е потребно двајца“. Доколку на танц дојдете заедно со Вашиот пријател/ка, момче/девојка, сопруг/а, тоа би била идеалната комбинација. Но и ако тоа не можете да го изведете од било која причина, не се обесхрабрувајте бидејќи е се, само не проблем. Половиот баланс е една од главните карактеристики со години во Прима Данца. Можеби некој чека и на вас.

⏵САЛСА ...
Не е случајно што ја издвојуваме посебно. Во последно време, заедно со другите танци во групата Карибски танци, претставува една од најпопуларните и најатрактивните танц програми. Едноставно тоа е Светски хит. За повеќе информации погледнете на „ТАНЦОВА ОСНОВА САЛСА“.

⏵ТАНГО АРГЕНТИНО ...
Ако сте романтични во душата и во себе носите емоции помешани со Танго музиката тогаш овој танц е за Вас. Од изворните техники родени во приморските четврти на Буенос Аирес, до страсните и еротични Милонги во духот на Аргентинската спротивност и романтична егзотичност, Тангото ќе Ве однесе во водите на еден поинаков магичен свет на танцот.

⏵СВАДБЕНИ ПРОГРАМИ ...
Што да се каже. Направете го Вашиот најважен момент во животот единствен и незаборавен. Првиот свадбен танц, прилагоден само за Вас, преку специфично изразената елеганција, стил и емоција, на музика по Ваш избор, пријатно ќе ги изненади свадбените гости со Вашите новооткриени танц вештини. Направете го Вашиот свадбен ден незаборавен.

⏵ЗУМБА и ТАЕ БО ...
Ако саксате да бидете во врвна психофизичка кондиција и форма, да симнете дел од Вашата телесна тежина и да имате секогаш здраво и затегнато тело и мускули, повелете на нашите рекреативни танц програми. Подвижете го Вашето тело со добра музика и аеробни фитнес вежби во комбинација со латино елементи и движења или борилачки вештини. Специфично за овие програми е моментот „Вклучи се кога сакаш“ затоа што никогаш не е доцна.

Со овој краток преглед се обидовме да Ви прикажеме само дел од животот и работата на нашето танц школо. Се надеваме дека ќе успееме да го привлечеме и Вашето внимание.

Не чекајте ... !
Направете РЕГИСТРАЦИЈА ... !
Освојте ги танц подиумите на ПРИМА ДАНЦА ... !

КОИ МЕТОДИ ГИ ПРИМЕНУВА ПРИМА ДАНЦА

Monday, May 25, 2020
Методите на Прима Данца се базираат на тројната врска:
Прима Данца танц систем - Самодоверба - Убаво танцување.
Танц системот на Прима Данца е развиен да помогне да постигнете 100% самодоверба додека танцувате. 50% од самодовербата се стекнува преку танц сесиите на групните часови и активностите на Прима Данца за контрола на напредокот на секој студент поединечно. Останатите 50% се придобивка на присуството на практичните сесии и танц забавите, каде самодовербата се развива преку способноста да се танцува со друг, како и преку танц настапи на овие забави што ќе помогнат самодовербата да се развие танцувајки пред други. Суштинскиот напредок се одвива за време на приватните, односно индивидуалните часови. Тоа се часови на кои се развива способноста за водење или следење, а воедно се решаваат и индивидуалните проблеми на секој танц студент врзани за танцот со сите негови компоненти и карактеристики.
Еве неколку основни насоки за тоа како ние во Прима данца го развиваме и практицираме Концептуалниот метод на танц настава:

⏵ПРИВАТНИ ЧАСОВИ ...
Приватните часови, со еден или повеќе танц инструктори со своите студенти во танц салите на Прима Данца, Ви даваат специјализирано и персонализирано внимание за да изгледате прекрасно и да се чувствувате самоуверено на танц подиумот, развивајќи вештини да водите било која партнерка или да следите било кој партнер. Ние се движиме во ритамот на Вашето време и можности, усовршувајќи го Вашето танцување на начин кој во основа ќе ви причинува задоволство.

⏵ГРУПНИ ЧАСОВИ ...
Групните часови ги надополнуваат вашите приватни лекции, затоа што тука се изучуваат моделите, техниката и стилот. Групните часови ви овозможуваат да запознаете и други студенти со слични танц цели и идеи, да развивате способност да се снаоѓате во простор кога танцуваат и други, било да се тоа обични танц забави или натпреварувачки инстанци.

⏵ТАНЦ ЗАБАВИ ...
Редовно закажаните танц забави на Прима Данца секој петок од 22:00 – 01:00 по полноќ ги комплетираат информациите што се изучуваат на вашите приватни и групни часови. Тие се одличен и забавен начин за да го примените тоа што сте го учеле. На забавите ние создаваме атмосфера на место каде можете да излезете и да се забавувате со танц. Со посебен светлосен амбиент и во услови на работа на кафе барот за освежување, уживаме да танцуваме со различни луѓе во релаксиран социјален амбиент. Забавите секогаш ќе ви помогнат „да препознаете и идентификувате што слушате“ и како тоа да го претворите во едноставен, релаксиран и забавен танц заедно со сите други на танц подиумите на Прима Данца.

Одлуката за тоа што ќе одберете е Ваша. Меѓутоа ако се предомислите, во секое време можете да да направите промена во консултација со нашите експерти. Повелете на нашите први сесии кои инаку се бесплатни и запознајте се со почетните тајни на тоа што сте сакале од секогаш да го правите а не сте знаеле каде.

TAKE a CHANCE on DANCE ... !

КАКО ДА СЕ ОБЛЕЧАМ ЗА ТАНЦ

Saturday, May 23, 2020
Кога ќе дојдете на танц препорачливо е да имате соодветен дрес код. Начинот на кој ќе се облечете не е обврска. Тоа е едноставно наша препорака за да се чувствувате убаво и исполнето за време на танц часот. Еве неколку важни препораки околу дрес кодот за танц:

⏵Најважно е да бидете облечени едноставно и практично меѓутоа истовремено тоа да биде и пристојно.
⏵Без оглед на тоа дали сте решиле да бидете облечени елегантно или спортски, мора да водите сметка во таа облека да се чувствувате пријатно. Треба да избегнувате парчиња облека од синтетички материјали поради потењето, а повеќе да користите памучни и ленени материјали. Водете сметка и за тоа дали облеката ви прави проблем или комфор додека танцувате.
⏵Горниот дел за машките се препорачува да биде обична маица или кошула, ролка или потенок џемпер, во зависност од годишното време. За женските курсисти се препорачува маица, блуза или кошула и нешто потопла облека во зима.
⏵За партнерите панталони, фармерки или тренерки, а за партнерките може да биде поширока сукња или подолг фустан.
⏵Обувките за партнерите треба да бидат обични, лесни чевли или патики, а за партнерките лесни чевли или сандали со пониска штикла. Подобар избор секогаш ќе бидат постари чевли или сандали додека патиките порди гумата која се „лепи“ за подлогата не се баш практични. Во зима или на лошо време, секогаш носете си ги своите танц обувки посебно.
⏵Треба да се одбегнува облека и обувки која би ви пречела додека танцувате како на пример тесна сукња или фустан, превисоки штикли, машко палто, премногу накит и слично.
⏵Бирајте материјали во кои нема да се потите премногу. Секогаш носете резервна варијанта на горните делови од облеката поради можноста од прекумерно потење.
⏵На партнерките им се препорачува секогаш да носат и трака за коса за да не им пречи во танц вртењата.
⏵На часовите од групите на модерни или рекреативни програми (Хип Хоп, Зумба, Тае Бо и слично) се препорачува спортска облека со тренерка, маица и патики. Секако и резервна варијанта и крпа за бришење пот.
⏵Танц забавните вечери се посебна приказна која бара дрес код за вечерно излегување. Убавиот изглед, комфорот и природните материјали треба да бидат основната одлика на облеката и обувките.

Бидете IN, имајте свој СТИЛ, бидете ПРИМА ДАНЦА ... !

ТАНЦ БОН ТОН

Saturday, May 23, 2020
Однесувањето врз основа на Танц Бон Тонот не е срам туку доблест и културна придовка. Прима Данца е дефинитивно местото каде танц студентите од било која возраст и ниво на танц вештини ќе бидат подвргнати и на перманентно воспитување и едукација за однесување во склад со принципите на Бон Тонот. Еве неколку важни Танц Бон Тон препораки:

⏵На танц часовите секогаш дојдете најмалку 10 до 15 минути порано. Доколку задоцните, создавате лоша слика за себе, а можете и да испуштите важни моменти за можни нови Танц чекори. Сметајте дека на тој начин тоа задоволство го скратувате и на Вашиот партнер/ка. Како и да е, бидете свесни дека Танц часот секогаш ќе започне на време, без оглед на тоа дали Вие доцните.

⏵Кога ќе пристигнете, секогаш пријавете го Вашето присуство на приемниот пулт или на Танц Инструкторот. А доколку сте спречени да дојдете на танц часот, Ве молиме Вашето отсуство да го пријавите преку расположливите средства за комуникација со Прима Данца.

⏵На танц дојдете со адекватна облека и чевли за тој час за да можете да уживате во него.

⏵Бидете културни и грижете се за уредноста и чистотата во танц салите, соблекувалните и останатите простории на клубот. Сетете се дека некој и после вас ќе има танц час.

⏵Плаќајте ја редовно членарината, ратата, програмата. Сепак животот во Прима Данца тече и зависи од вашите уплати. Доколку не сте во можност тоа да го сторите на време, ве молиме да ја известите нашата администрација.

⏵Почитувајте ја личноста на вашиот танц инструктор. Следете ги внимателно неговите инструкции и објаснувања за време на часот.

⏵На Танц часовите однесувајте се природно и ставете се себеси во позиција дека сте дојдени да се рекреирате, релаксирате и забавувате.

⏵Не заборавајте да се представите и запознаете кога ќе пријдете кон вашиот партнер/ка при првиот заеднички танц. Така ќе ви биде многу полагодно и секоја понатамошна комуникација ќе биде многу поедноставна.

⏵Ако има повеќе партнери/ки на танц часот пробајте во секоја наредна прилика да танцувате со друг/а. Така секој ќе биде во позиција да ги проба танц елементите кои се изучуваат на тој час, а воедно ќе имате поголемо искуство кога танцувате со повеќе партнери/ки. Можеби баш со таа промена ќе научите некој нов чекор, елемент или танцова фора која не сте можеле претходно да ја совладате. Можеби со Ваша помош некој ќе може да совлада нешто што не му/и идело претходно.

⏵ На крајот најважното правило во Прима Данца: Никогаш не одбивајте покана за танц. Прифатете го секој танц предизвик затоа што никогаш не знаете што ќе Ви донесе па макар тоа било и лошо искуство. А доколку сте женско, не значи дека и Вие не можете да поканите партнер за танц. Можете ле само да замислите колку ќе Ви биде посветен кога ќе му го пружите тоа задоволство.

Користете БОН ТОН, бидете КУЛТУРНИ, бидете ПРИМА ДАНЦА ... !

#WeAreDanceSport