Од 1955 година на аматерските европски првенства и од 1960 година на светските првенства во почетокот се танцувани четири танци: Самба, Румба, Ча-ча-ча и Пасо Добле. Воглавно ги освојувале фрацуски двојки. За припадноста на Румбата и Тангото имало различни мислења. Румбата често ја спомнувале како шести Стандарден танц, а Тангото, поради своите Латиноамерикански корени, го вбројувале во групата на Латиноамерикански танци, како четврт танц. Дури во 1961 година е одлучено дека Тангото ќе се танцува како петти танц во групата на Стандардни танци. Истовремено Румбата го добила своето место покрај Ча Ча Ча, Самба и Пасо Добле, како четврт танц во групата на Латиноамерикански танци. Џајвот дури во 1968 година добива признавање од страна на Светскиот сојуз на аматерски танчери и влегува како петти танц во латино групата.
На крајот на педесетите години од 20. век, Латиноамериканските танци влегле во програмите на танцовите школи, а младите почнале масовно да ги посетуваат и изучуваат. Со техниката на Латиноамериканските танци се занимавале и Англичаните, кои ги поставиле темелите и денешните важечки техники. Книгата на Walter Laird „The Technique of Latin American Dancing“, издадена во 1964 година, станала и останала темел за Латиноамериканските танци.
Денес познатата форма на Пасо Добле ја стилизирале тогашните Француски танц учители и танчери. Од 1968 година, на танц натпреварите во Латиноамерикански танци, танцовите двојки танцуваат Самба, Ча Ча Ча, Румба, Пасо Добле и Џајв.
Она што е битно е следното: мора да се покаже карактерот на танцот, да се одтанцува и да се одглуми со максимално правилна техника. Без карактерот, танцот е мртов, а без техниката се губи брзината, снагата на движењето и се е млитаво.